Преставничката на ОБСЕ за медиуми Дуња Мијатовиќ денеска на разговори зад затворени врати ќе има средба со премиерот Никола Груевски и министерот за информатичко општество Иво Ивановски. Утре на крајот ос својата посета на Скопје таа ќе одржи прес-конференција.
Таа на вчерашните средби со претставници на ССНМ, ЗНМ и МИМ се разговараше за актуелните медиумски состојби и за опциите за функционирање на медиумската сфера.
Синдикатот на новинарите и медиумските работници преку конкретни примери укажа на постојаното кршење на синдикалните права, економската зависност во слободите на новинарите, како и за постојаните притисоци кои се вршат врз медиумите од одредени центри на моќ.
Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис на средбата го спомнала и односот на институциите кон медиумските организации и фаворизирањето на одредени здруженија и ставање во привилигирана ситуација, како и игнорантскиот однос кон синдикалното организирање.
„Ја искористивме можноста уште еднаш на Мијатовиќ да и ја пренесема ситуацијата во која функционираат медиумите и новинарите во оваа земја. Нашата позиција во таа смисла е јасна – слободата на медиумите и изразувањето не е прашање на закони, процедури и формални бројки туку е суштествено прашање кое професионалците меѓу нас ги доведува до раб на опстанок“, рече Чаусидис за НОВА.
Тоа најдобро се се отсликува преку фактот дека имаме селективно финансирање на медиуми преку владини реклами, селективна правда која критичките медиуми ги суди и осудува на високи казни, професионалните новинари ги прогласува за технолошки вишок, а истражувачкото новинарство го го дискредитира и комплетно брише од јавниот дискурс во кој доминира пропаганда и говор на омраза.
Македонскиот институт за медиуми на денешната заедничка средба со преставникот на ОБСЕ за медиуми Дуња Мијатовиќ, го презентирал проблемот со владините реклами кои ги преплавија медиумите.
Мијатовиќ била запознаена со фактот дека најголем огласувач е токму Владата. МИМ во ова гледа поткопување на независноста и објективноста и неможноста критички настроен медиум кој професионално известува да си ја врши својата основна задача правилно информирање на јавноста.
„Разговаравме за состојбата со медиумите по донесувањето на новите закони и за проблемите кои и понатаму оневозможуваат развој на плуралистичка, демократска и пазарно одржлива медиумска сцена“, рече Биљана Петковска за НОВА.




