Месец јануари го одбележаа големи корупциски скандали кои покажаа дека
определбата на Владата на РМ за борбата против криминалот и корупцијата е само декларативна, а во реалноста ситуацијате е сосема друга, се вели во месечниот извештај на Транспарентност Македонија.
1. Подмитување на новинари преку доделување на тендери на нив лично или на нивни блиски роднини од страна на Владата на РМ;
2. Непријавени станови од страна на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ во износ од неколку стотици илјади евра; и
3. Продажба на државно земјиште на тендер објавен од страна на Министерството за транспорт и врски по цена која е стотина пати помала од пазарна цена.
Овој месец стана јасно зошто толку новинарите на Сител телевизија, која е најголемиот провладини телевизиски медиум, Драган Павловиќ – Латас и Ивона Талевска, во својство на новинари и уредници на телевизијата и на весникот Вечер, толку жестоко ги бранат политиките и постапките на Владата на РМ. Причината била тендерите од милиони евра кои тие преку нивни блиски роднини ги добивале од страна на власта.
Министерот за здравство, Никола Тодоров, неколку дена после обелоденувањето на „малку неетичкиот“ скандал со Талевска, со цел да ја релативизира ситуацијата, го раскина договорот со фирмата Визарис, носител на осомничената за корупција тендерска зделка, со што практично призна дека Талевска функционирала како пропагандист и партиски службеник на платниот список на Владата на РМ и владејачката ВМРО- ДПМНЕ. Наскоро потоа на тој список се најде и нејзиниот близок колега Драган Павловиќ – Латас со своите блиски роднини.
Според информациите кои ги обелодени опозициската СДСМ, Драган Павловиќ – Латас, главниот медиумски пропагандист на Владата на РМ и ВМРО-ДПМНЕ, имал бројни фирми кои функционирале паралелно од иста адреса каде се наоѓа и ТВ Сител. Тој само преку една фирма, „Тотал Маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, која нема ниту еден вработен, во периодот 2010-2012 г. реализирал приливи од бизниси со Владата од околу 535 илјади евра. За две години, пропагандистот Латас се стекнал со два стана со вкупна пазарна вредност од околу 240 илјади евра. Тој со неговото семејство пред да дојде до овие два стана, живеел во општествен стан од 127 метри во Центар, кој има пазарна вредност од околу 150 илјади евра и сега се води на име на неговата сопруга. Во последните неколку години се стекнал и со земјиште во општината Зелениково со површина од 4.803 метри квадратни.
Дополнително, во последните 3 години фирмата „Елтра“ ДООЕЛ Скопје, каде директор е снаата на Латас, добила тендери во износ од околу 2,9 милиони евра добила од страна на Градот Скопје и општините Гази Баба, Карпош и Аеродром, кои се под конрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Вториот скандал што ја разбранува македонската јавност се неколкуте случаи на непријавен недвижен имот – станови од страна на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа афера ги опфаќа становите кои координаторот на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ во Собранието на РМ Силвана Бонева и генералниот секретар на Владата на РМ Кирил Божиновски ги немаат пријавено во своите анкетни листови, иако е тоа нивна законска обврска. Она што е најсимтоматично е фактот што становите се на иста адреса, во иста зграда, каде станови имаат и други високи функционери во Владата на РМ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Скандалозната (пишман) продажба на скоро 3000 метри квадратни атрактивно земјиште во центарот на Скопје за само 71 денар по метар квадратен, што всушност претставува подарок, е само продолжување на практиката на власта за грабеж на националното богатство заради незаконско богатење на мала група на моќници. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски оцени дека огласот и постапката за продажба на оваа атрактивна парцела во надлежност на неговото Министерство биле „согласно законот и транспарентни“, само неколку дена пред самото Министерство на Јанакиевски да го поништи договорот за продажба на парцелата затоа што „се открило дека дел од овој недвижен имот бил во приватна сопственост кој по грешка на референт од Катастарот бил заведен на име на државата“?! Овој потег само ги зголемува сомневањата за злоупотреба на службената положба и овластување на највисоките носители на власта заради остварување на лична корист за себе и за ним блиски лица.
ТМ бара Миле Јанакиевски – долгогодишен министер за транспорт и врски зад кого се провлекуваат низа корупциски скандали во неговиот ресор, веднаш да замине од министерската функција. ТМ укажува дека за далеку помали афери, во правните и демократски држави одговорните функционери си поднесуват оставка. Надлежните институции треба да го откријат вистинскиот сопственик на Друштвото за трговија, промет и услуги „Амадеус Стоун“ ДООЕЛ од Скопје на кое државата му дала и други атрактивни парцели во центарот на главниот град.
Исто така, ТМ бара од Државната комисија за спречување на корупцијата и од Јавното обвинителство итно да отворат предмет за овој скандалозен случај за кој постои сериозно сомневање за корупција на високо ниво, без оглед на тоа што договорот за продажба е раскинат.




