– Македонија одвојува минимални 0.02 процента од БДП за наука. За споредба, Хрватска 40 пати повеќе, a соседна Бугарија 20, изјави Солза Грчева, претседателка на советот за образование и наука во СДСМ, и посочи што навистина се книжи на контото „наука“ со 0.02 проценти.
Според неа, во 2010 година доделени се 40 национални научни проекти на претходно распишан конкурс а парите за овие проекти до денес не се исплатени иако требало да завршат во 2011 година, и рече зависно од проект до проект, исплатени се во просек, на четири пати, само 1/3 од вкупно предвидените пари.
Начинот на финансирање е сосема уникатен. Деловите за исплата, досега 4, по некое чудно правило, секогаш се исплаќаат во декември и во истиот тој месец, неколку дена подоцна, се повлекуваат од страна на Министерството за финансии. За тоа време научните институции подмируваат дел од комуналните трошоци. До научниците парите и да не можат да стигнат. Но, затоа пак тие мораат да пишуваат извештаи за тоа како ги потрошиле парите што не завршиле кај нив, вели таа.
Понатаму објаснувајќи го финансирањето во полето наука, таа вели како во некој скеч на Монти Пајтон, на научниците им се подметнуваат договори во кои Министерството за образование и наука одредило што им е потребно.
– Во договорите ќе видите ставка 421-комунални услуги, греење, 423- ситен инвентар, алати, ставка 424-поправки и тековно одржување. Овие ставкисобрани се во просек околу 70 проценти од целиот проект, веројатно сме единствената земја каде што со спојувалки, хартија и со греење е можно да се прави научно истражување, рече Грчева.
Таа надополни дека доделените пари за патување, што се бараат за студиски престој во странство или учество на научна конференција во функција на темата, се доволни за престој од 5 дена во Прилеп, а за финансирање опрема, не станува збор.
„Нашиот научник, за да дојде барем до компјутер се снаоѓа и го пишува под ставката „ситен инвентар“ на следниов начин: глувче едно парче, тастатура едно парче, плоча едно парче итн, додека измалтретиран не состави еден цел компјутер во 21 век“, потенцираше Претседаталката на советот за образование и култура во СДСМ.
Според неа со ваквото финансирање, кое уште полошо е легално, бидејќи е ставено во договорите на научниците, се извитоперува суштината на научно – истражувачката дејности вели, парите што се одвојуваат за проекти во науката, се всушност за преживување на институциите.
Грчева вели научната јавност кај нас, шепотејќи за тешката реалност, едвај преживува, додека развиените земји веќе ја живеат втората декада на „општества базирани на знаења“ а не на лаги.




