-Метропаркингплус доо Скопје е фирма во 100 процентна сопственост на странски инвеститори и не сака да биде дел од дневнополитички пресметки на партиите во Македонија, реагираат од фирмата, откако пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски посочи дека Дамјан Манчевски од СДСМ до ден денес е лице за контакт според официјалните документи на истоимената фирма.
>> Димовски: Манчевски се однесува арогантно
Дека од фирмата се дистанцирал, посочи и самиот Манчевски кој најави тужба за Димовски.
-Јас веќе подолго време немам никаква врска со таа фирма, ниту некогаш сум остварувал било какви приходи од неа, рече денеска потпретседателот на СДСМ Манчевски, објаснувајќи дека Илија Димовски ќе заработи тужба за изнесување на невистинити податоци.
Манчевски надополни дека самоиницијативно се повлекол од фирмата а за тоа ја известил и Државната комисија за спречување корупција.
Од фирмата образложуваат дека што се однесува на тендерот во Куманово, одлуката за нејзин избор е потврдена и од Државната комисија за жалби по јавни набавки при Владата на РМ, и соопштија дека вкупните приходи за сите години во Куманово се 60.708 евра, и дека за тоа постојат јавни документи.
Во соопштението на фирмата се вели дека во текот на претходните две недели, таа била предмет на инспекција од страна на УЈП, но откако не се пронајдило ништо спорно во финансиското работење, сега е симптоматично што претставници на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат интерни документи помеѓу фирмата и ЈП Куманово Паркинг.
– Не сакаме да веруваме дека институциите во Македонија…се ставени во функција и доставуваат материјали до било која политичка партија, реагираат од „Метропаркингплус“.
Од друга страна, Дамјан Манчевски посочи дека се што е сомнително за ВМРО-ДПМНЕ, да го достават до институциите, и дека изјавите на Илија Димовски, нема да ја спречи опозициската СДСМ да продолжи да ги открива „уште многуте станови и фирми кои ги поседуваат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ“.




