Градежната фирма „Бетон“ се јавила на јавниот повик што го распиша ЈСП „Скопје“ за избор на изведувач на панорамското тркало со придружни објекти и мост што ќе се гради на реката Вардар, меѓу Kамениот и мостот „Гоце Делчев“.
Понудата на “Бетон” е 15,5 милиони евра, без ДДВ, а со данок изградбата би чинела 18,2 милиони евра. Оваа цена е за околу 3 милиони евра повисока од онаа која ја планираат од претпријатието.
Како што информираат од ЈСП во рок од две недели Kомисијата за јавни набавки во ова јавно претпријатие треба да одлучи дали фирмата „Бетон“ ќе го добие тендерот.
Според проектот за изградба, предвидено е освен тркалото и мостот, на средината на мостот да се изградат ресторан, кафе-бар, продавница за сувенири и билетарница. Тркалото ќе биде високо 73 метри, мерено од брегот на реката, со дијаметар од 57 метри. Ќе има 30 гондоли и капацитет за 240 возрасни и 60 деца.
Град Скопје лани во октомври одлучи изградбата и стопанисувањето со овој објект да му ги предаде на ЈСП. Тркалото треба да биде готово до 2019 година.




