НАТО останува на својата одлука да ја покани Македонија како член но дури откако ќе биде најдено заедничко решение за спорот со името, подвлече денес генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен по средбата со премиерот Никола Груевски.
Освен спорот со името, Македонија, вели Расмусен, ќе мора да покаже и демократски ефикасни структури, слобода на медиумите, добри односи помеѓу власта и опозицијата како и односите со другите заедници.
“Се согласивме поканата да ви ја дадеме штом биде најдено заеднички прифатливо решение за името и на тоа стоиме. Работиме со вас да ви помогнеме во реформските напори за да може да се оди побрзо кога спорот ќе биде решен. Ве охрабруваме за напори за да го решите името”, рече Расмусен додавајќи дека има уште работи што треба да се направат, но вратата останува отворена.
НАТО донесе одлука за името на Македонија на НАТО Самитот во Букурешт 2008 година, која се однесуваше на наоѓање заеднички прифатливо решение за двете страни и таа одлука е донесена со конзенсус од сите земји членки на Алијансата, порача Расмусен.
Македонскиот премиер Никола Груевски се повика на Хашката пресуда во процесот против Грција каде Македонија доби позитивно мислење, при тоа потенцираше дека на Македонија и е заслужено членството во НАТО.
На прашањето за Хашката пресуда Расмусен рече Хашката одлука не ја менува позицијата на НАТО. “Нашите правила се јасно и сите одлуки се донесуваат со консензус”, подвлече тој и додаде на крајот дека вратата на НАТО е отворена но дека треба да се исполнат и други критериуми затоа што одлуката за влез во НАТО, повторни тој, мора да биде донесена со консензус.




