На договорот што скопската Метропаркингплус го потпишува со општинското јавно претпријатие Куманово – Паркинг стои потписот од Дамјан Манчевски, поранешен шеф на кабинет на Радмила Шекеринска, а сегашен Потпретседател на СДСМ, објави Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој пред јавноста го приложи известувањето од склучениот договор за јавна набавка, објавено од Бирото за јавни набавки, со вредност 22.892.000 денари, со вклучен ДДВ и огласот за доделување на договор за јавна набавка за паркинзите.
„Ако фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје учествувала сама во оваа набавка или пак со фирмата Т – Тим Плус ДОО Скопје, како што и го имаат потпишано договорот од 28.02.2011 година, никогаш немало да се квалификуваат, а не па да работат по овој тендер.
– Што направиле? Доставиле понуда во која носител е фирмата Метропаркинг ДОО Белград, а во понудата фигурираат уште шест други фирми, со цел да ги исполнат критериумите на огласот. Во таа групна понуда фирмата Метропаркингплус е квалификувана како претставништво кое, потенцирам, ќе биде инволвирано во дневните оперативни работи на системот“, објасни Димовски.
ВМРО – ДПМНЕ побара одговор на следниве прашања: Дали поставените критериуми во Куманово, посебно во делот дека фирма која може да конкурира мора да има вршено или да врши услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку 5 града, има заднина? Посебно знаејќи го фактот дека тешко може да се најдат такви фирми во Македонија.
Дали целата група на фирми е составена само за да се задоволат критериумите на повикот, а на крај сепак набавката да ја врши и извршува фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје, која никако не би можела да се квалификува на оваа набавка?
Зошто во изјавата на понудувачот дека настапува во група на понудувачи не стои она што подоцна го прават, дека сите активности ќе ги превзема скопската Метропаркингплус?




