Главниот и одговорен уредник на Нова Македонија, Зоран Димитровски, за НОВА го соопшти образложението на отказот кој утрово му го врачил Минчо Јорданов.
– Отказот го добив затоа што ми бреше речено од страна на Јорданов дека сум ги нарушувал професионалните новинарски стандарди и сум манипулирал политички, сум манипулирал со вистината во моите колумни.
Менаџментот на Нова Македонија се уште не даде објаснување во јавноста за отказот на Димитровски. Освен тоа, неговиот наследник се уште не е соопштен.
Првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани експресно реагираше со соопштение, по смената на Главниот и одговорен уредник на дневниот весник Нова Македонија, Зоран Димитровски.
-Сега веројатно на многу скептици им е појасно зошто Македонија е на 123 место во индексот на Репортери без граници за слободата на изразување. Не случајно Македонија е последната земја во слободата на изразување во регионот а на европско ниво зад нас е само Украина“, реагира Насер Селмани претседателот на Здружението на новинари на Македонија.
„Очекуваме објаснување од сопственикот на весникот, кои се причините за сменувањето на Главниот уредник Зоран Димитровски. Новинарството е јавна професија и сметаме дека менаџментот должи такво објаснување на јавноста а посебно на читателите на Нова Македонија кои заради ваквата уредувачка политика во изминатиот период го купувале весникот. Со тоа ќе се отстранат сите сомнежи околу вистинските причини за смената на уредникот Димитровски“, вели Селмани.
Тој смета дека е симптоматично е што ваквата одлука доаѓа по распишување на претседателските избори, а во јавноста гласно се зборува дека ќе има и предвремени парламентарни избори. Постои сомнеж дека причините за смената на Димитровски можат да бидат политички.
„Ваквото однесување може негативно да влијае на плурализмот на медиуми, да имаме многу медиуми, а во нив да не се презентираат различни ставови за прашања од јавен интерес.
Смената на Димитровски праќа порака до сите уредници и новинари во Македонија дека позиција во медиумите не им зависи од квалитетот на работата што ја извршуваат, туку од политички причини“, оценува првиот човек на ЗНМ.
ЗНМ е убедено дека ваквите примери ќе ја зајакнат самоцензурата во медиумите, која претставува сериозна закана за слободата на изразувањето и независноста на медиумите.




