Жалбената постапка што концесионерот ја започна пред Управниот суд во врска со одземањето на дозволата за експлоатација на злато и бакар во рудникот Иловица-Штука, заврши со пресуда на Вишиот управен суд што може да го “воскресне” концесионерот. Уважувањето на неговата жалба со која се бара спојување на двете концесии и потоа повторно одлучување за одземање на дозволата за активнистите од граѓанското движење “Здрава котлина” е резултат на полтички и бизнис влијанија спротивни на интересите на граѓаните. Во врска со овие сомневања изразени во јавноста министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за ТВ21 изјави:
„Во делот на Владата мислам дека брзо ќе се осигурате. Ако Владата во првиот случај донела таква одлука, не гледам да донесе различна одлука, ако случајот е вратен на повторно одлучување. Сепак, треба и министерот за економија, премиерот кој го знаат случајот подобро да кажат. Но тоа е мое мислење“, рече Маричиќ кој истакна дека судовите мора да бидат транспаренти, и истакна дека секогаш вели дека има и политичко и бизнис влијание во судството, кои се подеднакво опасни.
“Не сакам никого да обвинам за случајот со Иловица. Тешко обвинување е да кажам дека има политичко влијание. Јас сум сигурен дека ќе се донесе одлука во интерес на граѓаните, ќе се донесе вистинска одлука која беше донесена и претходно и ќе се разјаснат сите околности“, вели минисерот за правда.
Според судот, грешка е што надлежниот орган не одговорил на претходно барање за спојување на двете концесии, Иловица 6 и Иловица 11, за да може да се решава за дозволата за експлоатација. Ова барање за спојување е од 29.1.2016 година, но компанијата до денешен ден нема комплетна документација за Иловица 11, такашто ниту таа може да добие дозвола за експлоатација за Иловица 11, ниту може да се спојат концесиите. Понатаму, Владата ја одзеде концесијата за рудникот Иловица на 16.12.2019 година поради прекршување на Договорот за концесија, односно изминување на рокот од 2 години по доделувањето на концесијата до отпочнување на експлоатацијата. Имено, од доделувањето на концесијата (на 16.6.2012 година) изминале 7,5 години, а од потпишувањето на Договорот и Анексот на договорот (од 23.9.2014 година и од 22.6.2015 година) изминале 5, односно 4,5 години.