Прашањето за името и евроатлантската перспектива на Македонија ги загрижува сите граѓани на земјата, без разлика на нивната националност.
Ова го изјави вице премиерот задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими, на денешниот брифинг „Македонската европска иднина – проспекти и предизвици” организиран од Европскиот центар за политики во Брисел.
Според Бесими, не се точни гласините дека албанските претставници во Владата не се заинтересирани исто како и македонската заедница оти интересот за земјата е идентичен, сите сакаме да напредува, да биде членка на ЕУ и НАТО и заедно сме во ова.
Бесими, исто така, ја истакна важноста од забрзување на евроинтеграциите, како важен предуслов за стабилноста и развојот на регионот.
Вицепремиерот информираше за досегашната работа на Владата на Република Македонија каде ги спомна реализираните реформи а кои се дел од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), односно реформите во делот на слободата и изразувањето; измените во Изборниот законик за кои се постигна консензус меѓу политичките партии и реформите во делот на владеење на правото и почитувањето на фундаменталните права; реформите во јавната администрација и пазарната економија, а посебен акцент ставил и на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како клучен приоритет на Владата за зајакнување на мултиетничкиот карактер на земјата.
Вицепремиерот Бесими се сретна и со директорката на Директоратот за проширување на Европската Комисија Александра Кас Грање како и со Известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит.




