Протестите за „одбрана на верата и црквата“ во месец јуни минатата година, и по 8 месеци не се расчистени од надлежните органи, и сеуште јавно не е соопштено кој стои и кој ги организираше.
Игор Алаџајков, советник од СДСМ, на денешната седница во општина Центар, посветена на советничките прашања побара од градоначалникот Жерновски одговор дали има информации што се случува со поднесената кривична пријава од негова страна, околу тоа кој го организираше демолирањето на општината, кога во прашање беше доведена безбедноста на градончалникот, советниците, медиумите и општинската администрација.
На тоа, Жерновски покажа записник од 26-тата седница од Општинскиот Комитет на ВМРО – ДПМНЕ, одржана на 5-ти јуни 2013-та година.
Во записникот стои дека претседателот на Општинскиот Комитет на ВМРО – ДПМНЕ, Томислав Лазаров, актуелниот координатор на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ, изјавил дека организираниот протест „ќе започне во 12 часот напладне, пред споменикот Мајка Тереза и ќе продолжи до општина Центар, каде што ќе се искаже револтот“.

– Претседателот Лазаров наведе дека добро е запознаен со ситуацијата и со расположението на нашето членство, но на овие протести потребна е присутност на 700 членови. Од страна на членовите на ОК Центар се истакнаа започнатите притисоци на СДСМ кон нашето членство и се истакна нужноста на заштита на членови кои одбиваат да се припојат кон СДСМ. Предложено е да се преземат чекори на централно ниво и тоа во поглед на отпуштање на членови на СДСМ, вработени во централната власт, како би се стопирале низата притисоци и незаконски отпуштања. Претседателот Лазаров апелираше на масовна посетеност на митинзите од страна на членовите на ОК Центар, стои во записникот на 26-тата седница од ОК Центар на ВМРО – ДПМНЕ.
Градоначлникот Андреј Жерновски на ова се надоврза велејќи дека записникот јасно покажува кој стои позади наводните „спонтани“ протести и кој ги организирал.
Советниците од ВМРО – ДПМНЕ пак, посочија дека не се работи за оригинален документ, не присуствувале на седницата и дека ќе поднесат пријава за клевета.
Жерновски им одговори дека има и други документи, записници од седници на ОК Центар на ВМРО – ДПМНЕ.
– За овој случај поднесовме кривична пријава, но по неа не е постапено веќе 8 месеци. Земајки ги предвид и овие записници, во кои јасно се гледа дека станува збор за организиран протест, ги повикувам државните институции да преземат мерки по овој случај и да се казнат виновниците за протестите во општина Центар, рече Жерновски.
Фото: Радио Слободна Европа




