„На средбата соговорниците разменија мислења за повеќе актуелни теми и прашања кои се од интерес за Република Македонија и нејзиниот напредок во европските интеграции. Истовремено, беше разговарано за реформите и чекорите кои се преземаат од страна на државата за исполнување на критериумите и унапредување на взаемната соработка со Европската Унија“ информираат од Владата по средбата Венизелос-Груевски.
Груевски ја поздравил посетата на Венизелос, која претставува континуитет на посетите на Македонија како земја кандидатка, од страна на Претседателството со ЕУ, како и намерата на грчкото Претседателство да организира Министерски самит со земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки во април.
Премиерот изразил убедување дека грчкото Претседателство со ЕУ ќе ги зајакне перспективите на ЕУ за Балканот во согласност со Солунската агенда.
Тој истакнал дека Република Македонија останува посветена на напредување и позитивен развој во однос на ЕУ агендата како и обезбедување на силен фокус на реформите поврзани со ЕУ.
Претседателот на Владата на Македонија воедно посочил дека потребно е да се посвети внимание на продолжувањето на дијалогот за спорот за името под покровителство на ОН, но и разговори на билатерално политичко ниво кои можат да создадат синергија за перспективно намалување на разликите за што е неопходна посветеноста и искрена волја од двете страни.
Груевски изразил и подготвеност да се продолжи со работа на добрососедските односи со Грција во текот на грчкото Претседателство со ЕУ и по неговото завршување.




