Владата на Република Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ континуирано вложува во развој на системот на високо образование од повеќе димензионален аспект, реагираат од владејачката партија на изјавата на Петар Атанасов кој посочи дека образовниот систем во Македонија е доведен до дно.
– Да потсетиме дека се отворени нови универзитети, факултети, дисперзирани студии и студиски програми, подобрени се инфраструктурните и техничките капацитети, збогатена е стручната и научна литература, обезбедена е достапност на високообразовните установи на лицата коишто поради какви било причини во минатото не биле во можност да се стекнат со високо образование, намалена е партиципацијата за студирање, воведени се бројни можности за стипеднирање, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потенцираат дека еден од најуспешните проекти е токму „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија од областа на правото во Франција и Германија“, кој СДСМ го окарактеризира како „катастрофален“.
– Прашуваме, дали е катастрофално тоа што студентите во Македонија учат и ќе продолжат да учат од истата современа литература којашто ја користат и нивните колеги од најпознатите светски универзитети? И дали е катастрофално што таа литература е бесплатно достапна за секој поединец, се вели понатаму во реакцијата.
Партијата на власт е децидна дека катастрофално е тоа што во времето на СДСМ студентите и нивните потреби не биле ниту споменати, иако постоеле можности, време и средства.
– Нивните идеи и мерки се очајни, а намерите се прочитани. Само Програмата за научно-истражувачка дејност за 2014 година којашто Владата неодамна ја усвои има поголем буџет од мерката којашто СДСМ ја промовираше денес, а би ја имплементирале во период од 4 години, стои во реакцијата на владејачката партија.




