Aктивностите за изградба на автопатот почнаа денеска со поставување камен-темелник кај кичевското село „Извор“, во присуство на премиерот Никола Груевски, министри, амбасадори, градоначалници, јави МИА.
На оваа вест реагираше и СДСМ.
«Инвестицијата за овој капитален проект се проценува на околу 375 милиони евра со што ова е највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија, истакна премиерот Груевски», пишува МИА.
«Досега изградените автопатишта во државата во изминатите 50 години, укажа, чинат помалку од инвестицијата во автопатот Кичево-Охрид. – Тоа најдобро зборува за вредноста на овој проект. Толкава инвестиција не е вложена од никого, никогаш и во ниту еден автопат во РМ, наведе Груевски, посочувајќи дека средствата се обезбедени со особено поволен кредит од кинеската Ексим банка.
Според проектот, новиот автопат почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Од тука преку Подмолје се поврзува со Охрид. Ќе има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата ќе има и 6 натпатници и 13 потпатници, како и тунелот „Пресека” со две цевки. Ќе го гради кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед“.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески нагласи дека по новата автопатска делница ќе се вози со брзина од 120 километри на час, наместо 60 како сега, јави МИА.
По оваа вест СДСМ испрати соопштение во кое се вели: “после 8 години ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се сетија на патиштата и тоа токму во предизборниот период.
За 8 години владеење Груевски изгради само 7,5 километри автопат и толку. Затоа панично фрла лопати за проекти кои се само во историска најава, како што е и денешниот со автопатската делница Кичево-Охрид.
Денес, Груевски најавува изградба на автопат со пари од кредит додека предизборно троши 13 милиони евра народни пари секој ден!
Тоа е лицемерието на Груевски за само 7-те километри автопат што ги изгради за 8 години власт.
Со парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ досега можеа да се изградат 200 километри автопат.
Идната Влада на СДСМ интензивно ќе вложува во инфраструктурата, наместо во споменици и музеи”, ветува СДСМ.




