Преку нов мултиплатформски систем материјалите за владините седници ќе се обработуваат поефикасно и побрзо, со што ќе се зголеми транспаретноста и ќе се намалат трошоците, најавија денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Системот нуди нов концепт за е-седници на Владата, а треба да работи на сите оперативни системи и на различни уреди: паметни телефони, таблети, персонални компнјутери, лап-топи… Решението го изработи домашната компанија „Некстсенс“, која треба да го имплементира во рок од шест месеци. За таа намена се одвоени 20.750.000 денари
Според вицепремиерот Пешевски, мултиплатформскиот систем за колаборација технички и технолошки претставува врв во она што може да се направи и што е достапно кај информатичките компании.
– Веќе нема да мора да има само компјутер пред секој член на Владата. Секој што ќе ги има овие овластувања ќе може со кој било од уредите, таблети, компјутер, телефони да доаѓа и да ги има сите материјали од седницата на Влада кај себе. Дури и да не е тука ќе може да ги има истите материјали како да е присутен на седница, рече Пешевски.
При самиот тек на документите, појасни, сега ќе биде дефинирано кој што може да промени.
– Сега се ограничува кој што да прави и точно ќе се знае. Условно речено она што е следење на промените е подигнато на многу повисоко ниво, наведе Пешевски.




