За време на експлозијата пред канцеларијата на СДСМ во Карпош на улицата „Варшавска“ која се случи вчера околу 19 часот, имало 30-ина млади луѓе кои одржувале состанок, потврди денеска пред новинарите Стефан Богоев, претседател на СДММ.
– Еден од нив само што влезе кога се слушна страотниот звук. Искршени стакла зборуваат колку беше силна експлозијата и среќа е што нема повреден, изјави Богоев.
Од Социјалдемократскиот сојуз особено се загрижени што МВР својата првична оценка дека просториите на СДСМ не биле цел на нападот, ја даде пред да се изврши увид на местото, и најостро го осудуваат бомбашкиот инцидент во центарот на Скопје.
– Како можеле тоа да го знаат? Дали МВР знае нешто што не кажува? Ваквото однесување на МВР фрла црна дамка на предизборниот период што неопходно е да помине во мирна атмосфера, потенцираше Претседателот на СДММ.
Денеска и од владејачката партија го осудија активирањето на експлозивната направа.
– ВМРО-ДПМНЕ ги повикува институциите на системот во најбрз можен рок да го расветлат случајот на активирањето на експлозивата направа и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, апелирајќи до политичките субјекти да се воздржат од политичката злоупотреба на инцидентот.
И од Хелсиншкиот комитет остро реагираа на инцидентот.
– Во пресрет на изборите, Комитетот повикува на итно постапување и истрага за откривање на сторителите од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР). Исто така, заради покажување искрена воља за соодветно разрешување на овој инцидент, МВР е потребно да и се обрати на јавноста и да даде информации за тоа што е преземено до сега и кои се идните чекори, се вели во реакцијата на Хелсиншки.
Комитетот исто така повикува сериозно да се разгледаат наводите за кривично дело сторено од омраза поради политичка припадност или асоцијација на што наведува природата на ова дело.