Осум луѓе кои биле вработени во фирмата СИНАК ДООЕЛ , претпријатие кое е во состав на Сојузот на синдикатите на РМ, пред десет дена добиле отказни решенија со образложение дека се технолошки вишок дознава НОВА , а и информацијата ја потврдија и во самата фирма…
Станува збор за луѓе кои со години работеле во оваа фирма која врши услуги од техничка природа на ССМ.
Оваа фирма ја одржуваа хигиената, се грижи за исправноста на лифтовите, за дефектите на водоводната мрежа, струјата и парното.
Освен ова, зградата на Синдикатот масовно се празни, се повеќе кираџии ја напуштаат. Шест од вкупно 13 спрата речиси се испразнети, Уставниот суд и Основното јавно обвинителство веќе се иселени од зградата.
НОВА контактираше со неколкумина од работниците кои биле избркани од работа, дел од нив се жалат со намера да го оспорат решението, а други се откажале од жалба, огорчени и лути бидејќи не добиле прием кај претседателот на ССМ, Живко Митревски.
-Синдикатот наместо да ги штити интересите на вработените како нивни членови не избрка од работа, велат избрканите работници кои сакаат да останат анонимни бидејќи во тек е жалбената постапка.
Од работа бил избркан и единствениот хаус –мајстор кој морал да си замине откако го добил отказното решение на 11-ти овој месец.
-Јас бев единствениот хаус-мајстор, работев 12 години на одржување на целата зграда, од влезот до последниот спрат на сите дефекти поврзани со струја, вода или парно. Сега слушам дека се ангажира надворешно лице чии услуги чинат многу повеќе отколку поправките што ги вршеше фирмата СИМАК која е во сопственост на ССМ, изјави за НОВА избрканиот работник.
Жената која што 35 години работела во трафиката на самиот влез во зградата вели дека го изгубила здравјето откако и било соопштено дека треба да си оди од работа.
-Избркана сум само шест години пред да одам во пензија. Трафиката имаше промет,работеше добро, а сите синдикати земаат весници. Откако го добив отказното решение барав прием кај Митревски, но не сакаше да ме прими. Ми исплатија пет наместо шест плати, не ми го признаа одморот од 2014 година и буквално на сила ме исфрлија на улица, вели оваа оваа жена, која работела во трафиката преку фирмата СИМАК.
НОВА ја контактираше и управителка на фирмата СИМАК ДООЕЛ, Вера Бужаровска. Таа потврди дека имало отпуштања од работа, но не на осум туку на седум вработени. Бужаровска ваквата одлука ја објаснува со трендот на празнење на цели катови од зградата на ССМ, поради што не било исплатливо постоењето на овие работни места.
-Шест спрата веќе се испразнети, бројката на правни субјекти постојано се намалува. Постапката за отпуштање на овие луѓе од работа е транспарентна, така што сите права се запазени, изјави за НОВА Бужаровска.
Таа вели дека поголем дел од луѓето си заминале спогодбено, но вработените со кои разговаравме велат дека освен еден работник, никој не си заминал спогодбено од работа.
-Трафиката беше голем трошок за нас, од 12 бруто плати, само три плати можеа да се покријат на вработената што работеше таму, вели Бужаровска. Таа тврди дека стравуваат што ќе се случува понатаму и објаснува дека оваа фирма дејствува според Законот за трговски друштва, но не одлучува за ништо. Одлуките ги носи само Сојузот на синдикатите на Македонија вели Бужаровска.
Живко Митревски рече дека останува во рамките на соопштението што деновиве го имаа за протестот на стечајците и дека нема ништо да коментираат.
Што понатаму ќе се случува со зградата која е во сопственост на ССМ и со вработените, останува да се види. Неодамна јавно беше обелоденето дека во Синдикатот направил обид за отуѓување на имот во Прилеп, кој бил во нивна сопственост, но постапката била стопирана. Сега, пак вработените шпекулираат дека во зградата се планира да се гради хотел, но членство наводно реагирало со образложение дека е тоа зграда на работниците и дека не смее да се користи за такви цели.