Оваа власт е дрска и бескрупулозна кон оние кои ја создадоа државата, го пренесоа борците, на претседателот Заев, нивното разочарување од односот на премиерот Груевски и Владата кон нив.
– Народно ослободителната борба и АСНОМ се темелите на нашата држава. Требало некој да ја создаде оваа држава и да ни ја остави, а тоа го направивте вие, им рече претседателот Заев.
Тој најави сосема поинакви, достоинствени политики кон борците предвидени во Програмата на СДСМ. Претседателот Заев на средбата со борците ја презентираше Програмата на СДСМ за враќање на средната класа, посебно преку предвидените мерки што се однесуваат на економијата и на спречувањето на младите да си заминуваат надвор од државата.
– Ова е понуда за враќање на средната класа, средната класа за која вие најдобро знаете дека носи спокој, среќа и стабилност. Понуда за враќање на парите назад кон граѓаните. Нашата цел со оваа Програма е достоинствен живот за сите граѓани на Република Македонија, рече претседателот Заев.
На средбата беше констатирано дека власта, со лошите политики, не е сервис на граѓаните, туку напротив, секојдневно, се повеќе, го осиромашува македонскиот народ, на сметка на сопственото богатење.
Ваква Македонија ниту создадовте, ниту оставивте и наша одговорност е да ја стабилизираме и зајакнеме Република Македонија. Тоа Социјалдемократскиот Сојуз може да го направи и ќе го направи, вети претседателот Заев.
Борците се интересираа за постапката за утврдување на кандидатот за претстојните претседателски избори, како и за самиот изборен процес и реформите во Изборниот Законик.
Веруваме дека граѓаните ќе донесат мудра и внимателна одлука, а ние треба да им ја дадеме вистинската понуда, само така ќе победиме на претседателските избори, рече Заев на денешната средба со борците во Скопје.



