Актуелниот претседател Горге Иванов, согласно партиските процедури, денеска и лично треба да ја поднесе својата кандидатура до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ со што ќе се номинира за претседателски кандидат откако на иницијативата потпис ставија вицепремиерот Зоран Ставрески, градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на Аеродром Ивица Коневски, на Прилеп Марјан Ристески, пратеникот Антонио Милошоски, доктор Весна Јаневска, директорот на УЈП Горан Трајковски, Ашим Зекировски, градоначалниците на Охрид Никола Бакрачески, на Кисела Вода Биљана Беличанец – Алексиќ и на Македонска Каменица Дарко Митевски и Владимир Неловски од УМС на ВМРО ДПМНЕ.
На иницијативата досега се потпишале над педесетина интелектуалци и јавни личности. Потписниците од владејачката партија бараат претседателот Иванов да ја добие партиската поддршка на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на којашто ќе биде избран кандидатот за претседател за претстојните претседателски избори на конвенцијата закажана за 1 март.
Вчера од ВМРО – ДПМНЕ потврдија дека е стигната иницијативата за кандидирање на господинот Ѓорге Иванов, потпишана од над педесетина интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници, спортисти.
„Сеуште немаме лично произнесување од страна на господинот Ѓорге Иванов по однос на оваа иницијатива. Врз основа на вашиот интерес и прашањата кои денес се поставувани до нашиот Центар за комуникации, би сакал да потврдам дека на оваа иницијатива се придружиле и високи партиски лица и градоначалници кои веќе се објавени во повеќето медиуми“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.
Рокот за пријавување на кандидати до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ е до среда (26.02.2014 година) до 20 часот.




