Управата за финансиска полиција го уапси скопјанецот С.Ѓ. (39), управител и сопственик на ДПТУ ЕКО САРА ДС ДООЕЛ од Скопје, поради основано сомнение за сторен финансиски криминал од 1.107.000 евра.
Трисет и деветгодишниот бизнисмен, како што соопшти Управата за финансиска полиција, потпомогнат од второпријавената овластена сметководителка Р.Р.(58) во периодот од почетокот на 2008 година до крајот на 2012 година, со цел да оствари неоснован поврат на ДДВ и да не плати перонален данок на доход и данок на добивка, до Управата за јавни приходи поднесувал даночни пријави со невистинита содржина.
Бизнисменот потпомогнат од неговата овластена сметководителка, при набавка на секундарни суровини-отпад од физички лица, прикажувал влезно ДДВ, иако бил свесен дека е забрането.
За да се стекне со поголема материјална корист, првопријавениот го фалсификувал и износот на излезното ДДВ. Со своите криминални активности го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 1.107.000 евра, соопшти Управата за финансиска полиција.
Поради тежината на стореното кривично дело и износот на причинетата штета по барање на Јавен обвинител наС.Ѓ.изречена му е мерка притвор од 30 дена, а на второпријавената Р.Р. (58) откако и е одземена патната исправа, пуштена е да се брани од слобода со обврска за редвно пријавување во полициска станица.




