„СДСМ ќе ги укине членовите од Законот за високо образование што ја загрозуваат автономијата на универзитетот. И академска и финансиска. Со политиките на актуелната власт последниве години Универзитетот е свесно ставен на маргините на општеството. Професорите, надвор од сите светски практики се ставени под контрола на Владата и министерот за образование. СДСМ ќе го врати достоинството на образовниот систем во Македонија прилагодувајќи го на светските трендови“, најави денеска Петар Атанасов, член на ИО на СДСМ.
– Ќе создадеме Фонд за научно-истражувачка дејност. Секој научен институт на државните универзитети, за период од 4 години, ќе добие конкретен Буџет, според понудена програма, со којшто самостојно ќе располага. Професорите ќе може да истражуваат и да објавуваат во странски научни списанија. Ќе ги зголемиме финансиските средства за истражување и развој што денес се сведени на историски минимум, рече Атанасов.
СДСМ, со Програмата предвидува секој студент да има електронска картичка преку којашто ќе може да ги користи сите студентски поволности. Со ова ќе го подигнеме студентскиот стандард преку разни бенефиции за сите студенти, поврзани со студентскиот стандард. За подобро информирање, студентските организации ќе бидат мрежно поврзани преку редовно финансирање портали на којшто ќе бидат објавувани сите информации од интерес на студентската заедница.
Една од мерките што ја предвидува СДСМ за подобрување на студенскиот статус и стандард, согласно светските практики, е донесување законски решенија за вработување на студентите на определено време, со определен максимум од половина работен ден. Тоа се околу 20 работни часови неделно за редовен и вонреден студент, но со намалени давачки кон државата. Овој ангажман работодавачот ќе мора да го регистрира како работен стаж и уредно да ги пријави вработените во Агенција за вработување.




