Очигледно е дека СДСМ очајнички се обидува да придобие ситни политички поени преку т.н “copy-paste” прес конференции, постојано повторувајќи едни исти мерки за наводно унапредување на високото образование, студентскиот стандард, заштита на автономијата на високо образовните установи и што ли уште не, без конкретен концепт и финансиски конструкции, регираат од ВМРО – ДПМНЕ на прес-конференцијата на Петар Атанасов, кој најави дека СДСМ ќе ги укине членовите од Законот за високо образование што ја загрозуваат автономијата на универзитетот, и академска и финансиска.
Според нив, “интерниот министер за образование“ во СДСМ, Петар Атанасов нема елементарни познавања во областа којашто претендира да ја раководи. Доволно говори фактот што истиот тој човек, неодамна се истакна преку една колумна со констатацијата дека Кембриџ е “некаква си невладина организација“ којашто ќе го опорава македонскиот образовен систем. Трагично.
СДСМ нема кредибилитет да говори за образованието, особено за високото, бидејќи токму во времето на СДСМ високо образовните установи беа опустошени, наставно-научниот кадар под постојан политички притисок, а студентите беа социјално загрозена категорија. Категорија којашто за жал, повторно ја манипулирате ветувајќи им вработување. Но, такво ветување дадовте и во 2002 година, велат од ВМРО – ДПМНЕ.




