Во Македонија и во Босна и Херцеговина денеска ќе бидат одбележани десет години од смртта на македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
На спомен обележјето во Ротимње свое обраќања ќе имаат претседателот Иванов и претседавачот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.
Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положи собраниска делегација составена од Светлана Јакимовска, Сузана Салиу, Силвана Бонева, Игор Ивановски и Рејхан Дурмиши.
Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар.Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Како што неодамна изјави главниот истражител за падот на кингерот, Омер Кулиќ, резултатите од новата истрага ќе му бидат предадени на обвинителството на БиХ на одлучување. „Дефинитивно ќе биде ставена точка на целиот случај. Се е разјаснето“, рече Кулиќ.
„Останаа само уште два-три ситни детали да ги добиеме, и тоа е тоа. Станува збор за документи на службите. Останува тоа да го подготвиме, да дадеме мислење и да се објави. Наодот нема да биде објавен се до десетгодишнината од трагедијата. Најверојатно во март или април оваа година“, објави Кулиќ.
Истрагата за падот на авионот беше повторно отворена во јануари 2013 година на барање на Македонија, по собраните дополнителни докази од македонското МВР.
Комисијата за испитување на причините на несреќата, формирана при Советот на министри на БиХ, заклучи дека причината за падот на кингерот била „процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на Мостарскиот аеродром, која довела до тоа авионот да удри во ридот Матиќ“.
Но адвокатите и семејствата на загинатите тврдеа дека врз Трајковски е извршен атентат, а останатите членови на делегацијата и екипажит се колатерална штета.




