(Омаж за Борис) Тој беше и човек и се разбира не беше совршен. Меѓутоа неговата морална сила беше посилна од човечките слабости. Тој докажа дека историјата не се случува, туку ја правиме самите.
Пишува Никола Димитров , поранешен советик за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски (Колумната на Димитров е објавена на 20.02.2007 во весникот Дневник)
Се навршуваат три години од денот кога Македонија го загуби својот лидер, претседателот Борис Трајковски. Денот на една страшна национална трагедија, што според многумина европски и американски државници, значеше огромна загуба и за Балканот и за Европа. Од една страна, ми претставува огромен предизвик јавно да се осврнам на неговото претседателство, бидејќи зборовите ограничуваат и често знаат да ја осиромашат реалноста. Од друга страна, мислите прават болка, бидејќи изгубив голем пријател и учител. Нашиот последен телефонски разговор беше остварен само неколку часа пред кобното полетување.
Но неговиот придонес за Македонија – ваква каква што е, во овие граници и со токму ова име, унитарна, мултиетничка и демократска, на патот кон НАТО и ЕУ – обврзува на длабока почит и поклонение. Како еден од многубројните што имаа привилегија да му бидат блиски пријатели на претседателот Трајковски, но и како негов директен соработник во 2001 година, дозволете ми на овој начин да ја споделам мојата почит, поклонение и восхит кон неговото лидерство и визија.
За време на краткиот мандат како заменик-министер за надворешни работи, Трајковски имаше клучна улога во успешното справување со застрашувачкиот бегалски бран од Косово. На домашен план се грижеше за хуманитарните потреби на бегалците. На меѓународен план упорно се залагаше за потребите на Македонија во контекст на кризата. Уште тогаш тој даваше повеќе од тоа што се бараше од него. Со неуморната енергија и иницијативноста правеше далеку повеќе од надлежностите на еден заменик-министер. Беше човек што не бара оправдувања зошто еден проблем не може да се реши, туку упорно бара решение се’ додека не го најде. Оваа карактеристика беше особено видлива и за време на претседателскиот мандат, во кој го чекаше нов и поголем предизвик.
Во меѓувреме, ризикот од политичка изолација и конфронтација со тогашната влада на Георгиевски не го спречија да ги брани фундаменталните државни интереси кога тоа беше потребно. Кога во дневните весници беа објавени (владини) огласи насочени кон релативизирање на позицијата за зачувување на уставното име на државата, претседателот Трајковски застана цврсто во одбрана на идентитетот на нацијата. Свесен за негативните импликации од авантурата со Тајван, не ги прими акредитивите на тајванскиот амбасадор и оствари (тајна) средба со претседателот на Кина во Њујорк.
Во 2001 година Македонија се соочи со најголемиот предизвик во поновата историја. Како да се зачува мултиетничката демократија, унитарноста и границите на државата? Ако државата не се брани и ако се допушти постојано зголемување на територии вон државна контрола се менува реалноста. Ако, пак, се одговори исклучиво со воени средства, постои голема опасност од граѓанска војна по етничка линија. Во услови на различни агенди и комплексни околности, претседателот Трајковски дозволи пропорционален воен одговор и истовремено отвори процес на политички дијалог насочен кон засилена интеграција на сите заедници во Македонија. Вклучувајќи ги НАТО и ЕУ во повеќе фази, „планот на претседателот“ доведе до рамковниот договор.
Разговорите во Охрид беа тешки и често се чинеше дека нема излез. Рамковниот договор не е совршен. Но целите беа постигнати. Македонија ја зачува унитарноста, граѓанската војна беше избегната, а рамките на зацврстената македонска мултиетничка демократија беа поставени. Според лордот Робертсон, тогашниот генерален секретар на НАТО, „Македонија живее во мир и се движи кон членство во европското семејство. Тоа е веројатност, но само затоа што претседателот Борис Трајковски беше таму кога и’ требаше на својата земја.“
Неговата посветеност кон европските и евроатлантските интеграции беше целосна. Кога почувствува дека ЕУ се колеба дали да понуди јасна перспектива за земјите на Балканот за европска интеграција, пред самитот во Копенхаген во декември 2002 година, претседателот оствари директна комуникација со сите регионални лидери, што резултираше со обединет притисок и регионален став во форма на заедничко писмо до Брисел.
Претседателот Борис Трајковски беше голем и едноставен човек со отворено срце. Неговата искрена и широка насмевка му донесе многу пријатели меѓу светските лидери. Тој беше државник што обединува. Дури и неговата трагична смрт обедини десетици и десетици илјади граѓани на улиците во Скопје. Беше човек од акција и го правеше тоа што беше исправно и кога беше најтешко. И си го сакаше народот. Траумите во 2001 му донесоа многу критики – од јавноста, владата, партиите, па и од меѓународната заедница. Но, тој одеше напред, иако често без соодветно признание, бидејќи ние во Македонија ретко знаеме да се поддржуваме меѓусебно. Тој беше и човек и се разбира не беше совршен. Меѓутоа неговата морална сила беше посилна од човечките слабости. Тој докажа дека историјата не се случува, туку ја правиме самите.
„Најдобро што може еден државник да направи е да ги слуша чекорите на Бога, да се фати за работ од Неговото руво и да пооди со Него неколку чекори од патот“, рекол Бизмарк. Токму тоа го направи претседателот Трајковски.
Никола Димитров