Европскиот Центар за Правата на Ромите поднесе иницијатива пред Уставниот суд во Македонија барајќи од највисокиот правен орган во државата да се изјасни во однос на измените и дополнувањата на Законот за патни исправи на државјаните во Македонија, односно овозможувањето да се одземат пасоши во различни околности да се смета за неуставен, информираше Тефик Махмут од ЕЦПР.
Оваа иницијатива доаѓа откако резултатите од истражувањето на ЕЦПР за слободата на движење на Ромите во Македонија, покажуваат дека повеќето Роми имале проблем да го остварат своето право како резултат на дискриминаторски практики и несоодветен однос од граничните службеници.
Во период од 2011 до 2013 година, од Центарот забележани се 74 индивидуални случаи кога на Ромите не им бил дозволен излез од земјата, а во 24 индивидуални случаи пасошите биле и одземени од страна на граничните службеници.
– Во 90 % од случаите документирани од ЕЦПР, е покажува дека само од Ромите биле побарани докази за оправдување на нивното патување во случаи кога патувале со луѓе кои не припаѓаат на ромската заедница, на 60 % од Ромите кои биле вратени од граница им било кажано од службениците дека имаат таква наредба, а на 30 % им било кажано дека не можат да ја поминат границата само поради фактот што се Роми, изјави за НОВА, Махмут од ЕЦПР.
Тој вели, во ниеден од случаите немало објаснување дека за некои од Ромите на кои им било оневозможено правото за слобода на движење, дека се води кривична постапка или пак претставува закана за безбедноста на земјата.
Од ЕЦПР ги повикуваат македонските власти да ги истражат тврдењата за расна дискриминација и да иницираат процедура против одговорните службеници за незаконско дејствување.