Претсавникот на „Репортери без граници“, денеска во Скопје објасни зошто Македонија се најде на 123 место на нивната листа на земји според слободата на изразување.
– Во извештајот што го објавивме на 12 февруари, Македонија се најде на 123 -то место што за 4 години е вртоглав пад од 87 места поназад, тоа јасно говори за ерозија на слободата на изразувањето во медиумите, што значи слобода на информирање, рече Антоан Ери, шеф на канцеларијата на „Репортери без граници“ за ЕУ и Балканот.
Прашан зошто е Македонија вака ренгирана Ери одговори:
Едноставно е, зашто се опишува со еден збор: автоцензура. Автоцензурата достигна таков степен, што новинарите мораат да ја извршуваат професијата во клима која е сè потешка, дури и задушлива. Македонските власти имаат влијание кое е нетолерантно кон редакциите и има изразен интервенционизам и жал ни е поради тоа. Треба да ја споменеме и судската власт. Новинарите и медиумите систематски се потчинети на високи парични казни. Видовме во случајот со „Фокус“. Имаме впечаток дека правдата не е овде да ја заштити слободата на информирање, туку да постави ограничувања на медиумите, рече Ери.
Според него, власта кон медиумите се односува на начин кој е недозволив за една земја кандидат за ЕУ.
Притворањето на новиарот Томислав Кежаровски и сомнителните околности на смртта на Никола Младенов имале влијание врз рејтингот на земјава, рече претсавикот на Репортери без граници на Конференцијата на тема „Слобода на медиумите Споредба на правната практика во Франција и Македонија“ се одржа во организација на Меѓународниот институт за човекови права и мир и Амбасадата на Франција.