Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и ВМРО-Народна партија донесоа одлука на евентуалните следни предвремени парламентарни избори да настапат самостојно, соопштуваат од партиите.
– Станува збор за партии со различни програмски платформи, коишто се обраќаат на граѓани со различна идеолошка определба. Од тие причини заклучено е дека секоја од партиите, со поединечниот настап, ќе може подобро да се доближи до граѓаните на кои им се обраќаат, а исто така на тој начин и да ја добие вистинската доверба од своето гласачко тело, стои во соопштението.
Партиите изразуваат задоволство од коректната и принципиелна соработка во изминатиот период, и потенцираат дека и понатаму заедничката цел на сите политички партии од опозицијата е победа на следните избори и рушење на власта на Груевски.




