Заменик на претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска изјави дека нема недопирливи во борбата против корупцијата одговарајќи на пратенички прашања во однос на случаи кога се засеганти министри, функционери или лица именувани од оваа Влада. Конкретно тој одговараше за случаи поврзани со министерката за образование Мила Царовска која беше спомената во сведочењето за случајот „Меѓународен сојуз“ и за разрешениот директор на струшката болница.
-Во однос на прашањето што беше за министерката Мила Царовска, во конкретниот случај со ингеренциите што ги имаме како Влада не е констатирано прекршување на ниту една одредба од новиот Кодекс за однесување на функционерите, а како што знаете во секој еден случај кога имаше потврда низ постапка, кога имаше прекршување имаше и разрешување на носители на функции. Но, помина и времето кога почитувани пратеници кога институциите не смееа имињата да им ги споменат на некои функционери, министри или на некои блиски луѓе на власта а не па да влегуваат и да бараат документи и да истражуваат како што тоа денес се случува во рамки на сите институции, а беше потврдено и од страна на премиерот, рече Николовски.