Шеесет и тригодишниот маж од кратовското село Емирица кого пет часа го носеа на раце во импровизирана носилка, утрово починал во Штипската болница.
Причина за падот на непристапниот терен бил мозочен удар, а поради долгото чекање помош се здобил со тешко мозочно крварење.
Пред да стигне помошта 12 часа лежел во снег, а неговото тело неколку часа го греела неговата 90 годишна мајка.
За случајот јавноста дозна откако д-р Павле Зафиров, кој веќе три години е доктор во Брза помош во Здравствениот дом во Кратово, на својот Фејсбук профил револтиран од неажурноста на институциите, детално го опиша спасувањето на мажот.
Медицинската екипа и членови на семејството на човекот 5 часа го носеле на импровизирани носила низ снег за да го префрлат до возилата и до болница.
Иако се обратиле за помош до институциите, никој не им помогнал.
За овој настан вчера прес-конференција одржа директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов кој посочи дека во целиот систем на излекување на лица од тешко пристапни терени има слабости и дел од нив веќе ги детектирале.
Тој посочи дека за овој случај формирана е посебна комисија која треба да ги пронајде слабостите во системот.