– За прв пат во нашата земја се изработија наставни програми врз основа на Национални стандарди базирани на компетенции и истите се фокусираат на резултати од учењето. Прецизно е дефинирано какви компетенции (знаења, способности, вештини и ставови) се очекува да стекнат учениците за време на основното образование, а наставникот добива целосна автономија да ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи за целосно постигнување на очекувањата и потенцијалот на секој еден ученик, се вели во соопштението од МОН.
Од министерството истакнуваат дека наставните програми се изработувани од страна на работни групи во кои покрај советниците на БРО, учествуваа и универзитетски професори и практичари – наставници од основно образование одбрани преку јавен оглас, а во текот на целиот процес беа консултирани и бројни експерти од повеќе области на коишто се темели новата Концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата и слично.
Суштински значајно, како што посочуваат од МОН, е што наставните програми ќе обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно ќе овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно, преку одредени можни содржини и активности за нивна реализација.
На овој начин, додаваат, учениците полесно ќе ја разбираат и совладуваат наставната материја. Фокусот е ставен на учење со разбирање кое помага во развој на критичкото мислење и креативноста, наместо досегашното фактографско учење и меморирање податоци.
Од МОН потенцираат дека со новите наставни програми предност се дава на формативното, наспроти сумативното оценување што подразбира дека постигањата на учениците ќе се следат на дневна основа, наместо само да се организираат тестирања на крајот на одредени периоди – тримесечје или полугодие.