Индустријата која организира настани во земјава е една од економски најпогодените поради кризата од пандемијата. Со цел да им излезе пресрет Владата во последниот 5ти пакет економски мерки креираше наменска директна поддршка за оваа економската гранка.
Клучни критериуми се за содржините да се ангажираат исклучиво домашни артисти и изведувачи, за во целост да се поддржи домашната сцена и настаните да се на тема од висок јавен интерес со што ќе придонесеме и кон националната гордост, кон она што е наше обединување и највисок државнички интерес – а тоа оваа година е јубилејот 30 години независност на нашата татковина Северна Македонија како и 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, вели Битиќи за „Слободен печат“.
-Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании како организатори и подизведувачи и изнајмувачи на техника, но и ангажман на изведувачи, уметници, музичари, артисти, културни работници, фотографи, сниматели, продуценти, техничари и други професии кои вообичаено се ангажираат во и околу ивент индустријата , истакнува вицепремиер во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.
Според Битиќи целта е да се поддржат компаниите да продолжат да работат, да се поттикнат да го прифатат предизвикот да се прилагодат на променетите услови и да го искористат својот креативен капацитет за да креираат содржина во која сите ќе можеме да уживаме, како што тоа го прават години наназад.
Новиот предлог не вклучува строги ограничувања во формата, туку ќе се поддржи секаков тип настани од јавен карактер, од концерти до изложби, претстави, проекции, јавни предавања, фестивали, свечености.
Клучен критериум е за содржините да се ангажираат исклучиво домашни артисти и изведувачи.
Ивент индустријата претходно ја користеше мерката за поддршка за плати во траење од шест месеци, а откако одлуките за петтиот пакет ќе поминат во Собранието фирмите повторно ќе добијат финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека наскоро на располагање на ивент индустријата, но и за други економски гранки ќе бидат и дополнителни 10 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка, од кои до 50% ќе бидат неповратни средства.