Дали конечно се отвори патот за мерките од петтиот пакет економска помош наменети за стопанството и граѓаните зафатени од кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот? Оптимизам и кај власта и кај албанската опозиција, велат остварен е сериозен напредок. Премиерот Зоран Заев од една страна и Зијадин Села и Африм Гаши од другата по денешната лидерска средба си пружиле рака за надминување на проблемот околу спорните точки на законот за државјанство. И двете страни како што истакнаа по средбата настапиле подготвени и ги соочиле своите ставови.
Оптимисти по средбата беа и коалиционите партнери Села и Гаши кои рекоа дека конечно е постигнат напредок со кој ќе се стави крај на тридеценискиот проблем.
Се договорија да ги известат и другите политички партии од опозицијата за постигнатиот компромис и да се договорат да ги повлечат амандманите со цел да ја одблокираат работата на собранието.
И денеска не изостанаа препукувањата околу тоа кој ја зборува вистината и дали со изнесувањето лажни податоци се купуваат ситни политички поени.
Арбер Адеми од редовите на ДУИ излезе со став дека Села намерно манипулира со бројките на Албанци кои немаат државјанство со цел да си поигра со нивните чувства и да добие политичка поддршка. Според него во земјава има помалку од 1.300 Албанци кои во моментов чекаат решение за добивање државјанство, што пак воопшто не соодветствува со калкулациите на Села кој прво велеше дека станува збор за 70 илјади, па 7 илјади за на крај како што рече Адеми да изјави дека станува збор за неколку илјади.
А поради најавените економски мерки за помош на „ивент“ индустријата за кои вицепремиерот Фатмир Битиќи најави средства во висина од 1 милион евра кои ќе се делат на тематски конкурси, денеска на протест излегоа организаторите на настани кои обвинуваат дека на овој начин помош ќе добијат само одредени компании и тоа за владини проекти, а според нив со мерките треба да бидат опфатени и потпомогнати сите во овој сектор.
Најавија протести секој ден од 12 до 15 часот се додека не се изнајде компромис за нивните барања.
„Навистина жалам што се уште не можеме да преминеме преку дневно политички агенди и да одговориме на потребите на секој граѓанин. Во време на здравствена и економска криза нужно е да бидеме брзи и ефикасни. Ја сфаќаме потребата на сите, но секогаш мора да се знае што е најургентно и најитно за решавање. Секако, јас сум многу блиску до случувањата, до она што беше на денешниот протест на ивент индустријата, нивниот сектор е многу близок до сите граѓани. Ние секако имаме решенија за сите области. Неколку пати сум имал состаноци со ивент индустријата, имаме различни гледишта кон кризата, но само за јавноста да знае, компаниите кои организираат настани никогаш не биле изоставени од мерките, во сите пакети до сега тие биле вклучени, на пример ослободување од некои даноци, одложување на данокот на личен доход, имаа бескаматни кредити, имаа можност за финансиска помош од државата за плати за вработените.“ изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи во гостување на Сител.
И додека граѓаните живеат во економска и здравствена криза, од еднастрана се надеваат на економската помош која им е најитно потребна, а од друга уплашени од секојдневните статистики за новозаразени и починати го чекаат својот ред да се вакцинираат за да го заштитат своето но и здравјето на другите со што и земјава побрзо ви се извлекла од незавидната состојба во која во моментов се наоѓа.
Здравствените власти денеска соопштија дека уште утре ќе се вакцинираат приоритетните групи на граѓани, а потоа тековно ќе се одвива вакцинацијата според возрасната граница. Граѓаните во земјава се уште немаат можност да избираат со која вакцина би сакале да се имунизираат но според соопштението на владата во моментов земјава располага со 20 илјади дози на руската „Спутник В“ наменети за сите возрасти и дози на Оксвордската „Астра Зенека“ кои според последната одлука на здравствените власти ќе се даваат само на лица над 60 годишна возраст, но денеска пристигнаа и 2 илјади дози од кинеската вакцина кои што според информациите ги обезбедил македонскиот амбасадор од Обединетите Арамски Емирати.
Паралелно се уште стои отворена можноста дел од македонските граѓани доколку сакаат да се вакцинираат во соседна Србија.
И додека фокусот се става на главните прашања здравствената криза и излезот од неа, изминатиот период Владата се соочи со обвинувања дека нетранспарентно работела и дека ангажирала голем број хонорарни работници, а како што беше пишувано во голем број медиуми главниот сомнеж бил дека Владата се обидува да ги прикрие нивните податоци, односно идентитети и примања.
-Во минатото сведочевме за голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме за хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните, велат од Владата.
Во таа насока, како што потенцираат, упатуваат јасна порака дека Владата и институциите ќе ги искористат сите институционални механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување на нивната приватност, говорот на омраза или повици за насилство.