Пратеничлата група на ВМРО – ДПМНЕ преку својот координатор Никола Мицевски најави дека ќе ги повлече амандманите поднесени за Законот за државјанство поднесен на иницијатива на албанската опозициона коалиција Алијанса за Албанците – Алтернатива.
Тие истовремено ги повикаа лидерите на ААА да ги повлечат сите амандмани кои го блокираат донесувањето на петтиот сет економски мерки.
– Ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, целосно го осудуваме инженерингот на Заев и СДСМ. Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој што се наоѓаат Македонија, граѓаните и стопанството, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство се со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството. Дури и во вакви моменти, кога над 55 илјади граѓани останаа без работа и едвај врзуваат крај со крај, кога македонската економија е на колена и илјадници компании се затворија, Заев и СДСМ без око да им трепне покажуваат огромна неодговорност и негрижа за граѓаните и стопанството – истакна Мицевски.