Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, поднесе иницијатива од неколку точки до претседателот на Собранието Талат Џафери во која меѓу другото се бара тој без да го менува деловникот да донесе одлука за времена мерка со која ќе се овозможи онлајн работење во Собрание.
Во иницијативата се вели дека во услови на третиот бран на пандемијата, како и појавата на нови соеви на коронавирусот (КОВИД-19), со многу поизразени симптоми и потешки форми на зараза, поради инфицирани пратеници нема кворум за одржување на седници на Собранието, a поради блокадата со поднесување на голем број на амандмани, работата на Парламентот станува се посложена и потешка, при што пратениците и натаму се изложени на огромен ризик од инфекција. Досега над 30 пратеници биле заразени од вирусот КОВИД-19.
– Бараме да се зголемат здравствените заштитни мерки во Собранието, посебно во салата за пленарни седници и просториите каде се одржуваат седници на комисиите. Во оваа насока предлагам преку Собранискиот канал да се информираат пратениците кога започнува седницата, кога има пауза, до кога трае и кога продолжува со работа. Понатаму, во салата да бидат присутни пред се пратениците кои се јавиле за збор или имаат реплики, а другите текот на седниците да го следат од своите канцеларии. Да се донесе Одлука без да се менува Деловникот за работа на Собранието, со која ќе се обезбеди/овозможи ОНЛАЈН работа. Одлуката да биде од времен карактер до создавање на услови за нормална работа на Собранието. Да се измени Деловникот за работа на Собранието со што амандманската расправа ќе се ограничи најмногу до 10 дена, освен за прашања сврзани со националните и стратешките интереси на РСМ, се со цел Собранието да може непречено да ја остварува својата Уставна функција.
Во иницијативата се предлага и формирање работна група составена од претставници од сите парламентарни групи и независни пратеници, која ќе направи анализа на функционирањето на Собранието и ќе предложи решенија.