Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски остварил средба со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз на која му бил пренесен ставот на САД во врска со полициската акција во која беа уапсени полициски службеници за нелегално издавање патни исправи, а во кој се вели дека земјава мора да го заштити интегритетот на системот за издавање документи.
„Свесни за комплексноста на случајот со пасошите и потребата да се осигура темелна истрага, амбасадорката ја нагласи важноста да се заштити интегритетот на системот за издавање пасоши на Северна Македонија. Амбасадорката и министерот се согласија дека е важно да се изолира овој и другите неодамнешни случаи од политиката и да се осигура независна и брза истрага“, се вели во соопштението на Американската амбасада во Скопје, пренесува Дојче Веле.
Од амбасада истакнале дека три децении, со различни влади, Амбасадата на САД е партнер на МВР, како и на другите владини министерства и институции во С. Македонија за остварување на заедничките цели во спроведување на законот и владеење на правото, вклучувајќи техничка и форензичка поддршка на специфични случаи и обука и опрема за зајакнување на капацитетите на институциите.
„Сите овие активности придонесуваат за зголемена безбедност, поголема транспарентност и способност да се истражува и гони јавна корупција и тероризам, како и случаи на транснационален и организиран криминал“, велат од Амбасадата на САД. Случајот со пасошите беше обелоденет неодамна, а полицијата информираше дека на него се работело подолго време. Сомнежите се дека групата изработила 215 македонски пасоши со туѓ идентитет, од кои 214 биле за странски државјани.
Од МВР информираа дека на средбата станало збор и за техничката помош која Амбасадата на САД во Скопје континуирано ја дава на МВР во јакнење на капацитетите на полицијата преку програмите ИЦИТАП и АТА.