– Секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот и секоја таква идеја нема да наиде на поддршка од Европската унија, вели претседателот Стево Пендаровски во изјава за Трилинг прашан за наводниот нон-пејпер што словенечкиот премиер Јанез Јанша во февруари го испратил до Брисел и неколку други дестинации во ЕУ под наслов „Западен Балкан-патот напред“.
Шефот на државата истакнува дека независно од тоа дали постои таков документ или не, неговиот став е одамна познат и многу пати кажуван, а тој е дека секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот.
– Единствениот пат кој води напред кон подобар живот и благосостојба на граѓаните и државата е преку исполнување на неопходните реформи, клучни за наше придружување во европското семејство, наведува Пендаровски.
Тој тврди и дека никогаш не разговарал со претседателот на Словенија Борут Пахор за прекројување на границите на Балканот.