Со 115 гласови „За“, без ниту еден против и воздржан, Собранието на Република Северна Македонија го изгласа петтиот пакет антикризни мерки за помош на граѓаните и компаниите погодени од Ковид-19.
За да се направи кворумот за почнување на првата, 32 седница, како претходник на 36-тата мораа да присуствуваат и двајца пратеници од владејачкото мнозинство кои се позитивни на коронавирусот, кои во скафандери одделени во посебна просторија гласаа за законите на денешниот дневен ред.
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на својот Фејсбук профил претпладнево објави дека тргнала на денешната седница облечена во скафандер.
„Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот. Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив“, напиша Костадиновска Стојчевска.
Пакетот антикризни мерки, кој денеска беше изгласан, се однесува на парична помош за исплата на плати за февруари и март, за која компаниите ќе може да аплицираат до 30-ти април годинава.
Законите за антикризните мерки беа блокирани во Собранието неколку месеци поради тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците поради различни образложенија одбиваа да обезбедат кворум за работа.
Претходно пратениците ги изгласаа и точките од дневниот ред на 32-та седница, за која опозициските партии одбиваа да обезбедат квором неколку недели наназад, на која беа повеќе извештаи на државни институции, како и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025 година.