Претседателот Стево Пендаровски без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година. На македонската јавност и е добро позната заложбата на претседателот да ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 наши граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата, се вели во соопштението на кабинетот на шефот на државата.
Од таму додаваат дека во однос на уставноста и законитоста во работењето на Собранието, претседателот на државата нема надлежност истата да ја преиспитува, за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите и Уставниот суд.
Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е „достоен за функцијата која ја извршува”, велат граѓаните најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години.
– Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски „не бекнаа” за овие екстремни и многу опасни предлози, се вели во соопштението.
Претседателот Пендаровски апелира до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи. Најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија, велат од кабинетот на Пендаровски.