Европската комисија го признава добриот напредок во спроведувањето на стратегијата за реформа на судството, што се однесува на итните реформски приоритети на Прибе. Искоренувањето на корупцијата, како феномен со кој се соочуваат сите земји во регионот, не е брза и лесна работа и сведоци сме на голем број препреки на патот, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за српскиот весник „Политика“.
– Откако станав министер за правда, мој приоритет е независно судство и работа без притисок. Ова, се разбира, не значи дека не постојат притисоци, ниту од политичка ниту од деловна страна. Нашата Влада ги тргна рацете од судството. Во нашата земја, Судскиот совет сега спроведува модел на филтрирање на судиите и судовите, така што ќе бидат идентификувани сите оние кои се решени да не работат за правда, односно дека биле под нечие влијание. Веќе имаме 12 разрешени судии, за кои се утврди дека постапувале непрофесионално, влијаеле на застареноста или заштитиле некого. На овој начин ќе се врати довербата на граѓаните во судството, која исто така ќе биде заштитена од какви било влијанија, вели Маричиќ во интервју за српска „Политика“.
Во однос на договорот за одложување на пописот, Маричиќ, вели дека секоја земја ќе се развива поуспешно и подобро доколку власта и опозицијата имаат „заеднички јазик“ барем за најважните државни прашања.
– Во овој случај, двете страни покажаа зрелост и се надевам дека опозицијата ќе се придржува до договорот. Северна Македонија нема попис веќе 20 години и многу пати реков дека тоа ни е повеќе од потребно. Треба да докажеме дека сме способни како систем да спроведуваме масовни операции во сложени услови. За време на пандемијата, организиравме предвремени парламентарни избори и убеден сум дека можеме да спроведеме попис, посочува Маричиќ.