Со 92 гласови „за“, ниту еден воздржан или против, пратениците во СОбранието дадоа поддршка на донесувањето на Одлуката за прогласување кризна состојба на дел од територијата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти и заради заштита на јавното здравје во услови на пандемија.
На денешната седница пратениците покрај оваа донесоа уште неколку други одлуки меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации УНИФИЛ во Либан.
Во продолжението на седницата беше донесен и дополнет предлог на закон за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни. Законот е дел од четвртиот пакет економски мерки.
Пратениците ја донесоа и Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции, како и предлогот за избор на членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.
При утврдувањето на дневниот ред на седницата, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, во процедурална забелешка, побара претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ги оддели законите, кои се дел од пакетите за антикризни мерки од другите закони.
На ова, Џафери му одговори дека тој својата работа ја врши согласно Деловникот и оти нема да дозволи никој да му диктира дневен ред на седниците.
На дневниот ред на 39 седница, се најде и Предлог на закон за дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка.
Министерот за здравство Венко Филипче образложи дека со овој закон се ограничува сумата која пациентите ја плаќаат во приватните болници. Ограничувањата, како што објасни, се на ниво на цените на пакетите што Фондот за здравствено осигурување ги плаќа кон здравствените установи, а тоа е од 40 до 300 000 денари.