Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека интересот за имунизација кај пратениците е голем. Според неговите информации денеска во Борис Трајковски вакцина примиле повеќе од две третини од народните избраници. Со ова како што истакнува за три недели би требало да се нормализира работењето на Законодавниот дом.
– Две третини од пратениците се вакцинирани до 16 часот. Немам информации уште колку се вакцинирале до 18 часот. Но, интересот за вакцинација кај пратениците е голем, вели Џафери во гостување на Канал 5.
Не сакаше да ги коментира негодувањата на дел од пратениците кои изразија разочараност што биле вакцинирани со „Спутник В”, а им било ветено дека ќе добијат вакцини од „Фајзер”.
– Немало такво ветување. Важно е вакцините да се ефикасни. Не треба да се политизира имунизацијата, нагласи Џафери, на прашањето дали се согласува што е вакциниран со руската „Спутник В”.
Џафери потенцира дека иако на пратениците им било понудено да се имунизираат порано, тие го препуштиле својот ред на ризичните групи. Во Собранието прво биле вакцинирани собраниските служби оти двајца вработени во службите починале како последица на Ковид-19.
Тој го повтори уште еднаш ставот дека двајцата пратеници во скафандер гласале оти тоа им го овозможува Протоколот за работа на Собранието подготвен од Комисијата за заразни болести.
Џафери посочи дека за време на пандемијата многу европски парламенти се одлучиле да работат онлајн и тој сакал да биде воведено вакво работење и на нашето Собрание, па затоа подготвил Предлог-Деловник, но по 3000 амандмани поднесени од опозицијата, тој го повлекол својот предлог.