Меѓународни експерти од Советот на Европа денеска презентираа физибилити студија за подготовка на предлог Законот за потекло на имот пред вицепремиерот Љупчо Николовски, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
Од таму додаваат дека студијата дава покомплетна слика за потребата од носење на вакво законско решение, односно ќе треба да се докажува на кој начин е стекнат имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека стекнатиот имот и капитал на некој функционер ги надминува редовните оданочени приходи.
Вицепремиерот Николковски претходно соопшти дека со новото законско решение имотот и капиталот ќе бидат предмет на проверка, а нелегално стекнатиот имот ќе биде конфискуван.
– Нема недопирливи! Воведуваме ред, правда и дисциплина. Се подготвува физибилити студија за Законот за потекло на имот, која, содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение, истакна Николовски.