Ковид пандемијата е дополнителен катализатор што на површина ја исфрли потребата од дигитализацијата со која, ќе се заштити здравјето на граѓаните, а постапките ќе течат непречено, вели министерот за правда Бојан Маричиќ. Со неа, додава, се воведуваат онлајн судења што пак ќе придонесе до забрзување на постапките, истите ќе бидат поевтини, а можностите за одложување ќе бидат значително намалени.
Со дигитализацијата и промените на одредбите на Законот за прекршоци, како што појасни министерот за правда, ако еден жител на Скопје направи сообраќаен прекршок во Охрид и поради тоа ќе треба да оди на суд за прекршоци, нема потреба веќе да патува до Охрид. Се ќе биде завршено брзо и едноставно со помош на информатичките средства.
Маричиќ нагласи дека она што ќе следи во годините пред нас се потврдува со она што од страна на Европската комисија беше најавено на почетокот од март 2021 година, а тоа е означување на стартот на Декадата на дигитализација на Унијата, визија и цели што треба да се постигнат за дигитална транзиција на ЕУ до 2030 година.
-Контурите на дигитализацијата на правосудството кај нас веќе ги имаме. Тие континуирано се развиваа во последните години главно преку воведување на систем за управување со предметите за судовите, систем за сметководство и буџетирање, опрема за некои од судовите со хардвер и софтвер за аудио снимање, систем за аудио-видео снимање, истакна министерот за правда.
Сепак, како што посочи Маричиќ, модернизацијата е неопходна од причина што хардверската опрема е застарена и неисправна, има недостаток на работни станици, а истите не ги поддржуваат софтверските решенија што се користат во судовите, што предизвикува неефикасно функционирање на истите.
– Состојбата на серверите во судовите е со слаб капацитет, односно нема сервери за складирање на податоци, ниту за базата на податоци, а дополнително имаме и ново законодавство кое поставува нови очекувања од постоечкиот електронски систем, додаде тој.
Според министерот за правда, со развојот и надградбата на информатичката технологија во правосудството, едно од главните работи коишто треба да ги вклучи новата архитектура е токму интероперабилноста. Во контекст на тоа додаде дека е предвидена надградба на постоечкиот АКМИС систем, кој ќе биде компатибилен со новата технологија и ќе одговори на барањата на новото законодавство.