Владата на Република Северна Македонија донесе одлука со која Стојко Пауновски се разрешува од позицијата директор во Државниот Пазарен Инспекторат, директорската фотелја засега останува празна.
Одлуката за разрешување доаѓа откако Пауновски не прифати да го потпише решението за вработување на 35 рамковни вработени во Инспекторатот, а со тоа не го испочитувал законот за трансфер на вработените според програмата К-5.
Утрово во Влада тројца вработени во Државниот пазарен инспекторат имаа и едночасовна средба со премиерот Заев. Вработените во инспекторатот со кој раководи Стојко Пауновски потпишаа петиција која ја доставија до Владата и бараа тој да не биде разрешен.
Пауновски претходно соопшти дека на Пазарна не и се потребни безлични административци, туку инспектори со адекватно овразование.
Од Владата пак пред неколку дена соопштија дека Инспекторатите ќе добијат и нови 104 вработувања, од кои 15 се токму за ДПИ каде е директор Пауновски. Но, овие 15 не се според Рамковен, туку ќе бидат инспектори токму со потребните квалификации, за кои се залага Пауновски. Владата тврди дека за ваквата одлука информиран бил и Пауновски, но проблемот се наметна околу рамковните кадри.