Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на свое барање, денеска остварил телефонски разговор со шефот на државата Стево Пендаровски, велат од опозициската партија.
За в петок е договорена и средба Пендаровски-Мицкоски, на која ќе се дискутираат две теми – за темата што ја отвори Пендаровски во врска со осудените во случајот „27 април“ и за актуелната политичко-економска состојба.
Мицкоски минатата година соопшти дека партијата ќе ги замрзне односите со претседателот на државата откако Пендаровски одлучи да му го додели мандатот на Зоран Заев по парламентарните избори.
Тогаш ВМРО-ДПМНЕ донесе заклучок дека од тој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со шефот на државата и ќе ги преиспита политиките што ќе ги води во однос на кабинетот на Стево Пендаровски.