Преговорите на Северна Македонија и Албанија за членство во Европската Унија треба да започнат што поскоро, за да се зачува кредибилитетот на процесот на проширувањето и да се обесхрабрат идеите за промена на границите на Балканот, што би значело дестабилизација на овој дел од Европа, оценија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и потсекретарот за европски на италијанската Влада, Винченцо Амендола на нивната средба во Рим.
– Ветото на Бугарија го нарушува кредибилитетот на процесот на проширувањето на Европската Унија. Избледувањето на европската перспектива за земјите од регионот ги охрабрува идеите за прекројување на границите и го вклучува алармот. Ние ги делиме европските вредности и регионот не смее да се турне назад во национализми. ЕУ има одговорност да ги донесе вистинските одлуки и да ја обнови европската перспектива за земјите од регионот кои тоа го заслужуваат – тоа е најдобрата гаранција за стабилност и напредок на регионот како дел од Европа, изјави министерката Шекеринска на средбата
Амендола од своја страна, како што соопшти Министерството за одбрана, ја потврди позицијата на Италија како силен поддржувач на целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и оценката дека недоделувањето на датум за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија со ЕУ е сериозна историска грешка што треба да биде исправена.
– Италија ќе продолжи активно да лобира за што побрзо отворање на пристапните преговори и одржување на првата меѓувладина конференција во најкус можен рок. Италија е со вас, потенцираше Амендола.