Четири минути и петнаесет секунди е должината на овој филм кој е сигнал за тревога пред присилните бракови во светот. “14 милиони крици” е насловот на овој филм во кој игра Жули Гаје која стана позната во последните седмици поради нејзината врска со францускиот претседател Франсоа Оланд.
Филмот се објавува токму на денот на жената 8 март. Лиза Азуелос е реализатор на филмот сниман во црно-бела техника. Во него едно 12 годишно девојче кое живее во богат кварт во Париз, се враќа од училиште и од мајка и добива прекрасен бел фустан со чипки. Потоа мајка и ја шминка а таткото го изразува своето воодушевување со зборовите: “Вистинска мала жена”. Родителите ја водат во општината каде што ги чека младоженецот кој има повеќе од 60 години. “Everything’s gonna be alrigh” е музиката во позадината на филмот.
Приказната се случува во едно добро стоечко париско буржоаско семејство а не во сиромашните квартови кај имигрантите. “Јас не сум тука за да го свртам вниманието врз било која популација и да кажам – видете што им прават на своите жени! Вака, кога луѓето ќе го видат филмот, ќе почувствуваат нешто што не би го почувствувале доколку филмот беше во средина која не им е блиска. Тоа е жално, но е така!”, вели режисерката на филмот.
Според податоците на Обединетите Нации 14,2 милиони девојчиња помали од 18 години се мажат присилно секоја година, пред се во Африка и Азија.
Проблемот постои и во Европа и на Балканот пред се кај ромските семејства. Во Македонија ова дело се класифицира под трговија со луѓе.