Југохром Феролајн ДОО-Јегуновце бара пролонгирање на рокот за најскапата инвестиција, ставање на филтер за ззаштита од опасните ПМ честички. Од вкупно 29 активности за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола Југохром оствариле 22, остануваат уште најскапите меѓу кои и е набавка на хауба за собирање на ПМ честичките соопштија од Министерството за животна средина.
Бидејќи станува збор за скапа инвестиција од Југохром бараат кратко пролонгирање на рокот од 1-ви април. Од Југохром велат дека веќе ја започнале постапката за заштита на животната средина и веќе потпишале договор со швајцарска компанија .
И покрај тоа што вели дека ги разбира потешкотиите, министерот Адеми при денешната посета на Југохром изјави дека не е во состојба да преговара за побараното пролонгирање на поставените рокови, нагласувајќи дека за вакви одлуки е надлежна исклучиво Владата. Пролонгирање на рокот од шест месеци побара и Макстил, но од олуката на Владата ќе зависи дали ќе им биде дозволено тоа.
На крајот на минатиот месец, министерот Адеми порача дека обврските за исполнување на еколошките стандарди за добивање А- интегрирана дозвола остануваат според Законот за животна средина, без разлика дали Владата ќе одлучи да го пролонгира рокот или не.
Тој на презентацијата на системот за отпрашување што треба да биде инсталиран во „Макстил“ ги повика раководствата на компаниите кои треба да ги исполнат обврските да преземат конкретни чекори и целосно да ги исполнат оперативните планови.
Во однос нa пролонгирање на рокот, кој е до крајот на април годинава, министерот информира дека уште нема конечна одлука.
– Без разлика на роковите, ова е обврска на Макстил и на сите компании и се надевам дека ќе биде исполнета. Пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите кои ќе бараат и за дел од оперативен план. Тоа може да биде неколку месеци, во зависност од барањето и фазата од која компаниите се влезени со инвестиции и со исполнување на оперативниот план, нагласи Адеми, додавајќи дека пролонгирање може да има само за компаниите кои прават конкретни чекори.
Лиле Поповска, претседателка на ДОМ, Партијата на зелените, неодамна за НОВА изјави дека во последните месеци има засилени контроли, а компаниите се стимулираат да одговорат на законската регулатива.
-Речиси сите компании се подготвуваат до 1-ви април да ги исполнат законските обврски. Единствено проблем има со„ Југохром“ од Јегуновце, кој нема финансиски средства за да инвестира во филтри. Сметам дека во овој случај треба да помогне Владата бидејќи „Југохром„ од една страна е голем загадувач, но од друга страна вработува многу луѓе, поради што неговото постоење е неопходно, изјави Поповска.
Неофицијално, некои од компаниите како што се „Арчелор Митал“ и „Скопски легури“ веќе се при крај со подготовките. Раководството на гигантот „Фени индустри“ неодамна пред кавадарчани вети дека ќе стават филтри со кои ќе се спречи загадувањето од честичките кои се штетни по здравјето на луѓето.
Како единствен позитивен пример меѓу сите загадувачи е цементарницата Усје, која неодамна ја пушти во употреба пречистителната станица со што ги исполни стандардите, а во последните неколку години фабриката инвестираше 36 милиони евра за заштита на еколошката средина.