Вработените во Македонската опера и балет собираат потписи за смена на уметничкиот директор Александар Котевски. Вработените во оркестарот бараат смена на Котевски, поради како што велат неговото самоволие, мобингот кој го правел врз одредни вработени, лошите услови во кои што работат и малите плати.
Веќе се собрани 55 потписи од вкупно 70-тина вработени во оркестарот , а на нив се очекува да им се приклучи и хорот. Петицијата со потписите од вработените во понеделник ќе биде доставена до генералниот директор Дејан Прошев и министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска.
-Условите за работа се ужасни, дува ветар од сите страни за време на пробите поради што често се разболуваме. Котевски се однесува самоволно, се заканува со отказни решенија за непослушните. Од друга страна при неговите чести патувања во Азиските земји носи диригенти со сомнителен квалитет со кои ние стравуваме да пееме , тврдат за НОВА дел од вработените во оркестарот.
НОВА го контактираше директорот Дејан Прошев. Го прашавме дали знае дека вработените се незадоволни и дека собираат потписи за смена на уметничкиот раководител Александар Котевски. Во телефонскиот разговор со Прошев кој се наоѓа во Белград, тој изјави дека вработените немаат никаков проблем.
-Немаат никаков проблем ,тоа е личен проблем. Никаква неправда не им е направена на вработените. Не знам дали платите се пониски од другите театри. Александар не е човек што малтретира, тој никогаш не би работел протива колегите и нема ингеренции да дава откази, изјави директорот Прошев за НОВА.
Во однос на платите тој изјави дека не знае дали се пониски од другите театри. Стартните плати на хористите изнесуваат од 18 000 денари, а почетните плати во оркестарот се 24 000 денари.
Александар Котевски
Уметничкиот раководител Александар Котевски тврди дека петицијата против него е дел од предизборието.
-Ова е предизборно. Нема да си одам, барем не по нивен налог, мене само генералниот директор Прошев може да ме разреши. Иницијативата за петицијата е од оние кои што не беа на гостувањето во Џакарта, а ние не можевме а ги земеме сите со себе. Но, јас ги почитувам и верувам во нив, вели за НОВА, Александар Котевски.
Тој негира дека се заканувал со отказни решенија бидејќи таква одлука може да донесе само генералниот директор.
-Вработените треба да работат и да бидат дисциплинирани, тоа се што се бара од нив. Јас донесов квалитетни уметници од странство кои се вработени во операта. Ние тие диригенти ги викаме во рамки на нашите финансиски можности, изјави Котевски.
Тој ги обвини вработените дека потпишуваат петиција без да прочитаат за што се работи, тврди дека нападите се дел од неговата работа, но и дека петицијата е демократско право на вработените која мора да биде поткрепена со докази за да процени јавноста кој е во право.
-Делата за мене зборуваат, сето тоа што е направено, како што беше успешното гостување во Џакарта кое го организирав со генералниот директор Дејан Прошев, за што и благодарам на министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска. Зголемен и ревидиран е потрошниот материјал за инструментите, а што се однесува до условите за работа тие на нив се жалат во изминатите 30 години, вели Котевски.
Иако е поставен партиски, вработените не с е жалат на генералниот директор Дејан Прошев, за кој велат дека се однесува коректно спрема вработените. Од него очекуваат да застане во нивна заштита и да го реши проблемот заради кој ја потпишуваат петицијата.
За случајот не се изјасни Синдикатот на сценско музичките уметници Виктор Илиевски, ниту претставникот на Синдикатот од МОБ, Борче Вишинов. И покрај телефонските повици и прашањата преку СМС пораки, ниту еден од нив не одговори што се случува во оваа институција, дали знаат за незадоволството на вработените и што во врска со ова ќе превземе Синдикатот.