Остатоците од авионот АН-26, кој претходно исчезна крај брегот на Камчатка, беа пронајдени на 3,8 километри од аеродромот, соопшти прес-службата на руското Министерство за вонредни ситуации.
„Остатоците од авионот беа пронајдени на растојание од 3,8 км од аеродромот. Спасувачките екипи кои трагаат по 28-те лица со теренски возила веднаш одат на местото“, се вели во соопштението.
Потрагата е отежната поради мрачното време и почетокот на морската плима. Рос-Авијација за „Ведомости“ потврди дека засега нема пријавено преживеани.
Претходно, РИА Новости, повикувајќи се на претставник на службите за итни случаи, објави дека авионот паднал во океанот, а Интерфакс извести дека е снимен слаб радиосигнал, кој најверојатно информирал за хаварија. Спасувачите официјално не ја потврдија оваа информација.
Претходно денеска, авионот Ан-26, извршувајќи патнички лет на релација Петропавловск-Камчатски – Палана, исчезна од радарите. Авионот требаше да слета на аеродромот во Палана во 5:50 часот по московско време. Според обвинителството, на бродот имало 23 патници и шест члена на екипажот. Подоцна, властите на територијата Камчатка објавија список со 22 патници кои биле во авионот. Меѓу нив е и раководителката на областа „Палана” – Олга Мохирева.